Уставниот суд на Косово денеска го прогласи за неуставен државниот тим за преговори со Србија, кој пред неколку месеци беше формиран со одлука на косовското Собрание, јави дописникот на МИА од Приштина.
Одлучувајќи по барањето на 32 пратеници за оценување на уставноста на Законот за задачите, одговорностите и надлежностите на тимот, предводен од лидерот на Социјалдемократската иницијатива (Нисма) и потпретседател на Владата, Фатмир Лимај и лидерот на Социјалдемократската партија (ПСД) и градоначалник на Приштина, Шпенд Ахмети, Судот оцени дека со тој законски текст се прекршени неколку уставни одредби.
– Судот констатира дека државната делегација која е формирана со спорниот Закон не е предвидена со Уставот и во рамките на облиците на владеење и поделба на власта. Како таква, државната делегација не може да биде опфатена во содејства на поделбата, контролата и балансирањето на властите и не може да задира во обликот на владеење, односно во структурата на поделба на власта како што е предвидено со Членот 4 од Уставот, се вели во одлуката што ја објави Уставниот суд.
Во неа, исто така, се наведува дека пренесувањето на надлежностите на уставните институции на „посебни механизми“ формирани со спорниот Закон, претставува „задирање во спроведувањето на надлежностите на институциите одредени со Уставот“.