Пиејќи вода налеана од чешмите во фабриката за прочистување, струмичкиот градоначалник Костадинов синоќа соопшти дека водата од брана Турија е донесена до ниво да е безбедна за користење. Објави дека добиле два последователни резултати од акредитирана лабораторија за хемиско-физичкиот состав на водата и една микробиолошка анализа, кои покажале дека водата е чиста и може да се пие.
Струмица три недели има забрана за пиење на водата од градскиот водовод, поради зголемено количество на манган. Причина било намаленото количество на вода во брана Турија и заматувањето на водата со кал од надојдените реки по дождовите, но според Костадинов имаше обиди проблемот да се исполитизира и злоупотреби.
Покрај Струмица водата не е исправна за пиење и во општина Василево, чие комунално претпријатие се снабдува со вода од истата брана Турија, а од пред неколку дена во Општина Босилово има забрана за пиење на водата од водоводната мрежа иако тие добиваат вода од други извори.