Дали таканаречениот „француски компромис“ на Кирил Петков и Христо Иванов се поткопува или не, во крајна линија и не е важно за Бугарите во Македонија. Нивното вклучување меѓу шест, седум или осум други националности во Република Северна Македонија, ја кова последната шајка во ковчегот на бугарскиот карактер на Македонија, изјавил контроверзниот бугарски пратеник и лидер на партијата Преродба, Костадин Костадинов.
„Пред споменот на генерациите кои паднаа за Бугарија од Осогово и Огражден, сите сме одговорни, секој на свој начин. И секој од нас се мора да се грижи за бугарскиот национален интерес. Ние од Преродба се грижиме, размислете дали и вие“, додал Костадинов.
Во декларацијата тој се повикува на постапките на бугарскиот претставник во Комитетот на постојани претставници на владите на земјите-членки на Европската унија (КОРЕПЕР). Според Костадинов, нивниот претставник го бранел бугарскиот национален интерес, но бил вербално нападнат од бугарските партнери во ЕУ, посочувајќи дека шпанското претседателство го торпедирало таканаречениот „француски компромис“, бидејќи е испратено писмо до РСМ, со кое информира за критериумите за членство. Костадинов истакнал дека ваквите писма се дел од претпристапните договори и преговори.
„Нашиот претставник јасно кажа дека испраќањето на писмото е во спротивност со францускиот компромис, при што претставници на другите земји членки вербално го нападнаа“, истакнал Костадинов.
Пратеникот изјавил дека не е исклучено вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав да се состои само во преамбулата, која не гарантира никакви права. Тој двапати во својата декларација посочил дека шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје во КОРЕПЕР тврди дека нема докази за систематска дискриминација на лица со бугарски идентитет.
Партијата Преродба поднесе декларација, во која потсетила на „бројните случаи како Пендиков и Кадриевски кои биле тепани, закани со убиства, обидите за палење на нашите културни центри…“, пренесува БТА.
Костадинов е познат по своите провокативни и иредентистички изјави, при што во повеќе наврати ја нарекува Македонија втора бугарска држава.