Поранешниот прославен италијански репрезентативец Алесандро Костакурта изнесе комплименти на адреса на македонската фудбалска репрезентација пред мартовскиот мундијалски бараж против Италија, но оцени дека актуелниот европски шампион ќе ја оправда фаворитската улога на дуелот на 24 март во Палермо.
Победникот од баражот во Палермо за место на Мундијалот во Катар потоа го очекува завршниот дуел против победникот од дуелот меѓу Португалија и Турција.
-Мислам дека можеме да ја совладаме Португалија, која ја гледам како победник во дуелот против Турција, како што Италија ја гледам поуспешна во пресметката против Македонија, истакна поранешниот дефанзивец на Милан во изјава за италијанските медиуми.
-Македонците имаат силни и квалитетни играчи, но нивниот тимскиот дух е на пониско ниво од Италија, а тоа игра важно улога. Од друга страна, и Италија во овој момент се соочува со проблеми и не е истиот тим од осум – девет месеци, бидејќи имаме послаб квалитет и помалку тимска енергија, и покрај сè очекувам тежок натпревар против Португалија и пласман на Мундијалот во Катар, додаде Костакурта.