Борбата против корупцијата и организираниот криминал во земјава достигна таков степен и толеранција меѓу населението, што не помагаат ниту некакви годишни програми, ниту назначувања функционери. Како што би рекол еден мој пријател, 30 години се вртиме во еден маѓепсан круг на големи очекувања од секоја промена на власта и потоа брзи разочарувања, отсуство на вистински економски реформи и гол популизам, се поголема корупција, партизација и поделеност на народот и општеството, рече поранешниот премиер Хари Костов на денешната конференција по повод 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Според него, уште долго ќе продолжиме да се вртиме во маѓепсаниот круг, се додека не се освестиме за вистинските обврски кон народот и посебно спрема младите.
Костов на конференцијата „По Охрид“, освен критиките за кои не штедеше зборови, изнесе и конкретен предлог до политичките партии – да потпишат рамковен договор, но овој пат за економски реформи кои би се спроведувале независно кој е на власт. Во договорот, потенцира, би требало да бидат вклучени и претставници од науката и бизнисот, а би се опфатиле повеќе сфери меѓу кои задолженоста на државата и нејзино сведување во подносливи рамки, како и рационализација на државната администрација.
Костов ја нагласи и потребата од формирање фискален совет со учество на експерти.
-Ако е точна констатацијата дека Охридскиот договор е веќе исполнет, тогаш политичките партии во државава треба да склучат нов рамковен или само договор – за економските реформи, политики и мерки кои треба да се спроведуваат во наредните најмалку десетина години, во соработка со науката и бизнисот. Новиот рамковен би значел договор меѓу сите релевантни политички партии со учество на науката и бизнисот за мерки за кои ќе постои согласност дека ќе мора да применуваат незваисно кој ќе биде на власт, истакна Костов.
Но, потоа рече и дека не очекува да наиде на слух за ваквиот негов предлог, зашто „партиите се чувствуваат удобно да ги трошат самостојно прибраните пари од стопанството и населението кога се на власт, а жестоко да критикуваат кога се во опозиција“. Костов дополни и дека политичките партии денес се толку поделени и спротивставени, што не можат да постигнат согласност или консензус за речиси ниту една мерка, ниту за тоа на која страна изгрева и заоѓа сонцето. Партиите во земјава, истакна, само ги менуваат „етикетите“ зависно која е на власт, а која во опозиција, но вокабуларот главно останува ист.
-Дали сум јас толку наивен и навистина очекував дека партиите на момент ќе заборават на својата поделеност и дека е можно да склучат ваков договор за економските реформи. Не, воопшто не сум наивен и знам дека овој мој предлог ќе наиде на „тврди уши“ и игнорирање, како што беше во 2004 година. Сепак, партиите се чувствуваат удобно да ги трошат самостојно прибраните пари од стопанството и населението кога се на власт, а жестоко да критикуваат кога се во опозиција. Затоа мислам дека ние, за жал, уште долго ќе продолжиме да се вртиме во маѓепсаниот круг, се додека не се освестиме за вистинските обврски кон народот и посебно спрема младите, нагласи Костов.
Тој во своето обраќање на конференцијата укажа дека борбата против криминалот и корупцијата мора да почне уште во образовниот процес.
-Со тоа ќе се обидеме да ги научиме младите што е нормално, морално и прифатливо однесување зашто за тоа, сметам дека се изгубени сите критериуми, истакна поранешниот премиер.
Во однос на реформите, покрај јавната админситрација, како клучни ги посочи и пензискиот систем, земјоделството и образованието.
Костов се осврна и на Буџетот. Рече дека во 2004 година изнесуваше 1,6 милијарди евра, а оваа година е над 4,4 милијарди.
-Во меѓувреме, ниту стопанството, ниту стандардот на населението не е пораснат за три пати. Притоа, Буџетот се финансира во значаен дел со задолжувања, а најголемиот дел оди за плати на администрацијата и за социјални трансфери што остава многу мал дел за капитални инвестиции кои ниту една година досега не се реализирани во целосен износ. Последната деценија, пак, дојде до експлозија во задолженоста главно како последица на катастрофалниот проект „Скопје 2014“, а во последнава година – две и поради справувањето со последициата од КОВИД панденијата. Веќе драматично е стеснет просторот во кој земајва ќе може да се задолжува за економски оправдани проекти во областа на енергетиката, патната и сообраќајната инфаструктура, образованието и здравството, напомена Костов.