Дарко Костовски, кандидат за градоначалник за општина Бутел од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва гостуваше во Тема на денот на телевизија Сител, при што ги наброи носечките ветени и реализирани проекти за време на неговиот четиригодишен мандат и напомена дека се реализирани некаде околу 70-тина проекти коишто не беа најавени пред изборите меѓу кои и изградбата на новиот затворен базен во Радишани.

„Најавив две нови градинки, изградени се две нови градинки, најавив ново училиште во Визбегово од темел до кров е изградено, најавив огромен парк во населбата Радишани, во моментов е во целосно завршна фаза, од 10.000м2 парк со плоштад, завршивме еден проект којшто со децении наназад беше ветуван, а тоа е коритото на реката Серава во должина од 1500м во Радишани, туку изградивме и трим патека целосно ја уредивме со урбана опрема и создадовме нови 5000м2 зеленило“, вели Костовски и додаде:

„Изградивме плоштад во Бутел 1, во спортот направивме револуција, изградивме 5 спортско рекреативни центри, изградивме 13 спортски игралишта, 10 игралишта за деца, во моментот се гради нов затворен базен во населеното место Радишани, ова не беше најавен проект, околу 70-тина проекти коишто не ги најавивме пред изборите ги реализиравме“, рече Костовски.

Костовски во своето гостување се осврна и на големите капитални проекти содржани во неговата програма, кои ќе им ги испорача на жителите на општина Бутел во следниот мандатен период од четири години, како изградбата на плоштад и културен дом, изградба на три нови детски градинки, две нови училишта, како и два нови паркови кои ќе ги добие општина Бутел во населеното место Радишани и на Христијан Тодоровски Карпош.

„Со плоштадот оди и културен дом, место коешто му фали на општина Бутел, кое што ќе биде собирно место на територија на општина Бутел. Ќе изградиме три нови детски градинки, една во Радишани, една во Визбегово и една во Бутел 1. Сигурен сум дека ќе изградиме две нови училишта едно во Љубанци, едно во Љуботен. Еден нов парк во населеното место Радишани, околу 10.000м2 и во соработка со Градот Скопје ќе изградиме уште еден парк на Христијан Тодоровски Карпош“, истакна Костовски.

Костовски на крај кажа дека е сигурен во победата уште во првиот круг бидејќи ја чувствува поддршката од граѓаните и чувствува дека сето она што е изградено го поздравуваат и порача дека ќе продолжи да работи посветено како и досега во насока на реализација на ветените проекти.