Актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат од ВМРО-ДПМНЕ Дарко Костовски објави на својот фејсбук-профил дека, по 30 години ветување, проектот река Серава е завршен.

– Денес е еден од најубавите денови, ден за еден од најголемите проекти коишто се реализираа во Општина Бутел! Проект кој 40 години беше ветуван на граѓаните на општина Бутел станува реалност и во целост завршен, вели Костовски.

Тој посочи дека е реализирано едно од најголемите барања на граѓаните на општина Бутел.

– Изградивме речно корито во должина од 1800 метри, трим-патека и нова урбана опрема. Се направи и парк на површина од 5000 метри квадратни со што целиот простор е облагороден со зеленило! Вложивме 65 милиони денари во уредување на речното корито и изградба на трим-патека! Заедно го менуваме ликот на општина Бутел, заедно ќе спортуваме и ќе рекреираме на овој кеј! Ветувањата ги реализираме!, напиша Костовски на „Фејсбук“.