Директорот на затворот „Скопје“ Ѓоко Котевски кој, како што беше најавено од Владата, требаше да биде разрешен по изборите поради инцидентите во затворот, истиот го опремува со фитнес за рекреација на затворениците.
Во соработка со фирмата МСА Компани ДООЕЛ Скопје, согласно склучениот Меморандум за соработка, од страна на претставникот на компанијата Аделаид Крешник, во КПУ Затвор „Скопје“ беше донирана и поставена фитнес опрема и реквизити за рекреација на отворен простор.
– Ова е уште еден чекор во насока на подобрување на условите на осудените лица и нивно поактивно учество во спортски активности и исполнување на нивното слободно време со корисни содржини, како облик на третман на кои се посветува подеднакво внимание како и на останатите облици на третман на осудените лица за нивна успешна ресоцијализација и социјална адаптација, наведува во соопштение директорот на затворот, Ѓоко Котевски.
За брзо време, се вели во соопштението, ќе има курсеви за компјутерски вештини за осудените лица. За почеток со основни компјутерски вештини, а потоа во зависност од интересот и напредни.
Во КПУ Затвор Скопје, комплетно се реновирани и просториите за посета на адвокати, во соработка со Адвокатска комора на РСМ.