Во петте препораки за македонските учебници по историја за шесто одделение кои ја обработуваат антиката, се бара поголема застапеност на проблематиката поврзана со Тракија и Тракијците но и дека сугестиите за континуитет меѓу античка Македонија и современата македонска држава содржат историски анахронизам, односно се застарени. Професорката Наташа Котлар за Канал 5 забележува и дека не биле земени предвид забелешките на стручната јавност.
-Забележуваме низ текстовите дека многу малку е посветено на македонската историја, и во античкиот и во средновековниот период, а се нудат содржини коишто се карактеристични за друга национална историја, во конкретниот историски момент тоа е бугарската држава. Погрешно воспитани генерации тоа значи загубени генерации. Треба да се воочи врската она што претставува карактеристично за македонската историја во однос на античката историја и средновековната. Ако ги погледнеме сегашните учебници ќе забележиме дека ние ќе учиме некоја регионална историја, или општа историја а најмалку македонската национална историја, вели Наташа Котлар, професор по историја.
Освен промените во учебниците по историја за шесто оддление, во јавност има и забелешки околу наставната програма по македонски јазик, односно дека во делот на потеклото на македонскиот јазик, нема да се учи за делото на Св. Кирил и Методиј но и Св. Климент и Наум Охридски. Канал 5 побара став од Министерството за образование околу евентуални промени во програмата за македонски јазик и дали биле изоставени овие историски личности, но одговор досега нема. Професорката Котлар инсистира на голема внимателност и да се спречат вакви тенденции.
-Кирил и Методиј создаваат нешто што е карактеристично за македонската историја и македонското поднебје, а не она што е од бугарското поднебје. Тие имаат големо значење и за создавањето на глаголицата но и за создавање посебна карактеристичност во доменот на средновековието за македонскиот народ. Така што, мислам дека треба многу да се внимава и треба да се оспорат ваквите тенденции да има содржини коишто не се соодветни за македонската историја а се соодветни за некоја друга регионална историја, вели Котлар.
Препораките за учебниците по историја беа објавени пред една година и според протоколот треба да се дел од учебниците за учебната 2024/25 година. Но од надлежното министерство нема информација ниту дали ги добиле вака утврдените препораки од МНР за промена на учебните содржини.
Во мегувреме на универзитетот во Свети Николе веќе има катедра на бугарскиот универзитет Свети Кирил и Методиј од Велико Трново.