Намерата да се променат нештата беше основниот мотив да се кандидирам за градоначалник на Општина Центар, вели професорката Наташа Котлар во интервју за „Република“.
Професорката нагласува дека општина Центар е центарот на државата, но оти е многу специфична општина со своите 45.000 жители.
– Општината ја доживувам како еден микросвет и на политички и на социјален, економски и на културен план. Сепак во општината нешто треба сериозно да се смени, а тоа го детектирам во културата на однесувањето на оние што работат во општината, но и оние кои се упатени кон општината. Сите проблеми во општината се резултат на недобрата организација во општината, непочитувањето на законските норми во работењето на Советот, но и на градоначалниците и на вработените. Не сметам дека еден градоначалник треба да се занимава со инфраструктура. Еден градоначалник мора да има визија, концепт и да ја оранизира работата и функцијата на општината внатре, но и кон граѓаните. Повеќе ја сфаќам организациски, поврзувачки но и многу присутност четири години, објаснува професорката.
Во кампањата, професорката смета дека се потребни и непосредни средби со граѓаните, но и да се користат социјалните мрежи.
– И двете работи се потребни. Општина Центар е малку поспецифична и комуникација со луѓе е потребна бидејќи таму живеат луѓе со соодветна интелектуална, академска и култулоршка подлога така што таа комунација е задолжителна, но и модерните технологии. Мојата намера е враќање на довербата а таа може само да се врати со еден посветен однос, односно со работа. Ниту со зборови, ниту пак со лажни ветувања, вели Котлар.
Професорката ги разјасни дилемите околу нејзината кандидатура која во принцип е независна, но ќе биде поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.
– Јас потекнувам од една мала политичка партија која има понов датум на формирање, меѓутоа како опозициска партија нормално е да бидете упатени кон опозициските фактори.Се случи таа соработка со ВМРО-ДПМНЕ. Нормално е партии со опозициска политика да соработуваат-објасни професорката.
Таа очекува да привлече и голем дел од неопределените и незадоволните гласачи и оти најавите за независни листи е продукт на она што се вели демократија.
– Нека има, јас ги поддржувам. Од мноштвото идеи може да се изроди и соодветен квалитет но се сомневам дека изборниот процес таков каков што е ќе им овозможи сите идеи да ги артикулираат. За малите партии овој изборен систем е немилосреден, искрена е професорката.