Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) вечерва во Тетово ја продолжи серијата граѓански трибини „Силно и одлучно кон иднината”. На трибината се обрати и одговараше на прашања на граѓаните партискиот претседател и премиер Димитар Ковачевски.
На прашањата што ќе се направи околу постојаните зголемување на цените на храната и енергенсите, Ковачевски посочи дека со оглед на политиките на Владата очекува во 2023 година да биде година за економска пресвртница и на нова надеж. Според него, досега во тешки околности Владата успеала да го одржи стабилен и да не крахира буџетот, да се одржи енергетскиот систем и да се обезбеди храна, енергенси, греење и струја.
-Ако пред 10 месеци клучното прашање беше дали ќе успееме да обезбедиме храна, пари, струја и нафта, денеска клучното прашање е можеме ли заедно да го пребродиме последниот дел од економската бура или не. Ако во првите десет месеци ја држевме цврсто економската линијата за борба против кризата, за наредната година и новиот Буџет тоа е промена, пресвртница од каде што тргнуваме во офанзива. Конечно да ја победиме кризата, да почнеме да економски да растеме, да го зголемиме животот стандарди и да се погрижиме следната година да стане подобра од оваа. Да направиме општествени промени со нашите економски политики за енергетска транзиција, за обезбедување финансиска поддршка и пресвртница во развојот на домашната економија, рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски истакна дека оваа економска криза покажа дека е важно да се има силно стопанство и домашно производство. Затоа фокусот на Владата е во енергетската независност и транзиција на системот за обезбедување на енергија.
-На дело ја гледате енергетската трансформација каде од нашето сонце, македонско сонце, се позиционираме како иден зелен центар за енергија во Европа. На овој начин обезбедуваме зелена, еколошка и далеку поевтина електрична енергија и тоа се гледа на дело. 27 мегавати фотоволтаични централи имаме пуштено во употреба последните десет месеци. Во овој краток период од мандатот на оваа Влада. Енергетската трансформација ја почнавме со електраната Осломеј -инвестиција во фотонапонска електрана од 10 мегавати, веќе се гради и подготвува две централи по 50 мегавати или 100 мегавати. Наместо производство на електрична енергија од јаглен ќе биде заменети со енергија од сонце и ниту еден работник нема да остане без работа. Ќе работат на енергетска транзиција, рече Ковачевски.
На трибината се обрати и претседателот на ОО СДСМ Тетово Жика Алексовски. Претходно граѓански трибини се одржаа во Теарце, Брвеница, Желино и Јегуновце.