Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата во Аеродром порача дека ако десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ добие преголема моќ, тоа ќе ги убие ЕУ перспективите.
ВМРО ќе ја одложува евроинтеграцијата во недоглед, тие немаат ниту план, ниту се доследни во остварување на стратешките цели. Тоа го правеше и Груевски, тие само ќе продолжат кај што застана тој. Оваа земја нема да се помести ни милиметар напред со ВМРО. Ќе глумат дека работат, а во реалноста нема ништо да се менува. Сме го виделе тоа со Груевски, знаеме како изгледа. Не сакаме само лоша реприза на неговото владеење, изјави Ковачевски.
Тој ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање и да ја дадат довербата за Пендаровски и за СДСМ бидејќи силен СДСМ во Собранието е потребен заради иднината на државата.
Основната цел на нашата програма е брзи, ефикасни и успешни преговори со ЕУ затоа што знаеме дека само на тој начин може да обезбедиме повисок животен стандард, поефикасна борба против криминалот и корупцијата, подобро образование и здравство, порача Ковачевски.
Тој во своето обраќање пред граѓаните на Аеродром истакна дека СДСМ е единствената политичка партија која никогаш нема да се откаже од инклузијата и која константно придонесува мултиетничкиот карактер на Македонија.
Но, деновиве, за жал, слушам опасни наративи кои може лесно да разгорат меѓуетничка нетрпеливост. Лидерите на ВМРО и на ДУИ се однесуваат во најмала рака неодговорно и кон државата и кон граѓаните. Им порачувам на Мицкоски и на Ахмети – граѓаните се свесни за вредноста на мирот и стабилноста што ги гради СДСМ, граѓаните знаат дека на сите нѝ треба европска иднина, а не враќање 20 години во минатото. Престанете да се препукувате со штетни скандирања и закани, кои никому не носат добро. Ние нема да ви дозволиме да си играте со европската иднина на нашите деца! Граѓаните нема да ви дозволат да се коцкате со нивната иднина, изјави Ковачевски.