Европскиот пат и членството во ЕУ, се единствениот начин како да се обезбедат суштински промени во македонското општество, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачавески, на денешната заедничка прес-конференција со европратеникот од редовите на Социјалдемократската партија на Австрија, Андреас Шидер.
„Ни треба продолжувањето на добрите политики кои ги започнавме. Ни треба продолжување на европскиот пат и членството во Европската Унија. Не само заради членство, туку заради тоа што граѓаните сакаат да имаат држава со подобар животен стандард, со подобро образование, со подобро здравство, со подобро владеење на правото, со помалку корупција, односно држава по европски стандарди како што ја сакаат и како што ја заслужуваат граѓаните“, рече Ковачевски.
При тоа, Ковачевски посочи дека легитимно е граѓаните да чувствуваат замор од евроинтеграцискиот процес, но дека Северна Македонија нема друга алтернатива освен да биде држава членка на ЕУ, држава во која владеат европските стандарди и држава каква што нашите граѓани сакаат да имаат.
„Навистина сум загрижен затоа што дел од нашите граѓани се заморени од процесот на евроинтеграции, од неговото траење, од сите оние пречки кои ги имавме на тој пат изминатите децении. Да бидам искрен и јас понекогаш го чувствувам тој замор. Си поставувам и прашање дали ЕУ секогаш била фер кон нас? И не била. Но за нас нема друга алтернатива освен Македонија да стане членка на ЕУ. Држава во која владеат стандардите на ЕУ и држава каква што нашите граѓани сакаат да имаат“, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.