Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на посетата на Атина, по повод 20-годишнината од „Декларацијата од Солун“ на Самитот ЕУ-Западен Балкан оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.
На средбата, беа разменети мислења за најновиот развој на настаните во контекст на отпочнувањето на процесот на уставни измени, за кои земјата ја има поддршката на ЕУ со цел продолжување на процесот на европска интеграција на Македонија. Беше истакната важноста на успешното завршување на процесот на уставни измени за натамошниот тек на процесот на европско интегрирање на земјата.
Премиерот Ковачевски и претседателката на европската комисија Фон дер Лејен, разменија мислења за текот на скрининг процесот и очекуваното отворање на првите кластери од преговорите.
Двајцата соговорници се осврнаа на продобивките за земјите од Западен Балкан од новиот план за раст на претседателката Вон дер Лејен, како што се приближувањето до единствениот пазар на ЕУ и продлабочувањето на регионалната економска интеграција, кои се исклучително важни за секоја од земјите.
Клучно за земјите од Западен Балкан е да се забрзаат фундаменталните реформи, за што ЕУ ќе ги зголеми претпристапните средства за земјите од регионот.
Говорејќи за предностите на членството во ЕУ, уште еднаш беше потенцирано дека е од клучна важност да не се пропушти оваа шанса за членство на Македонија во Унијата.
На средбата се разговараше и за состојбите и перспективите на земјите во регионот на Западен Балкан, чија евроинтеграција има геостратешка и безбедносна важност за цела Европа.