Најавите на Артан Груби дека во текот на неделава би можело да има средби со СДСМ за да се разговара за начинот на тоа како ќе се настапи на претстојните избори, според Ковачевски не се точни и такво нешто не договорено. Иако претходно се говореше за заеднички предизборен европски фронт и од двете партии сега малку се зборува за тоа. Ковачевски вели дека досега не е договорено ништо со ДУИ, а дали ќе има нешто такво зависи од одлуките на партиските органи.
„Зависно од анализите зависно од анкетите, зависно од расположението на партиското членство да коалицира со некоја политичка партија, како би функционирале заедно се носат тие одлуки. Така што сигурно Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе има свои носители во сите изборни единици. Дали дел од тие пратенички листи ќе бидат претставници од други политички партии кои што не се традиционално со нас во коалиција тоа сепак ќе го покажат анализите вклучително и ДУИ. Тоа ќе го покажат анализите и секако одлуките на партиските органи.“, рече Ковачевски.
Иако се уште нема потврда дека актуелниот претседател Стево Пендаровски ќе биде кандидат за претседателските избори од СДСМ, Ковачевски рече дека тоа ќе го соопштат на крајот на месецов или на почетокот на идниот. За сега нема најави дека може да дојде до договор за поддршка на кандидатот на СДСМ во вториот круг од страна на ДУИ.
„ДУИ сигурно дека согласно со своите проценки во однос на програмите кои што претседателските кандидати ги имаат бидејќи ги има повеќе претседателски кандидати, има на ВМРО-ДПМНЕ , на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, согласно она за што се застапуваат нашиот претседателски кандидат ќе се застапува за интегрирање на … Македонија во Европската Унија. Согласно со тоа верувам дека тие ќе ги носат своите одлуки.“, изјави Ковачевски.