Веста за писмото на СПЦ до Вселенската патријаршија, го затекна премиерот во дворот на црквата Сан Клементе во Рим, каде се наоѓа и гробот на Свети Кирил. По честитките со црковната делегација, која претпладнево одржа молебен за светителот, следеше честитка и до православните верници дома, известува ТВ Телма.
На ФБ профилот, Ковачевски ја честиташе автокефалноста на МПЦ:
„Голем е денешниот ден, историски, кога ги чествуваме Светите браќа Кирил и Методиј, да ја добиеме и автокефалноста на нашата црква како рамноправна со другите и како признание за нејзиното наследство во духовната величина на древната Охридска Архиепископија, и како автентичен дел на македонскиот идентитет.“
Во работниот дел од посетата на Рим, премиерот попладнево се сретна и со својот италијански колега, Марио Драги, кој нагласил дека, преговорите за влез на Македонија во ЕУ треба да завршат со итно отворање. Неизбежен дел од разговорот била и идејата на Макрон за создавање на „втора европска лига„, создадена од држави кои се долго време на европската листа на чекање.
Италија, според премиерот, е важен политички и економски партнер на Македонија, со трговска размена од 738 милиони долари.