Откупот на тутунот годинава стартува со 30 проценти повисока цена во однос на лани, а се очекува да бидат откупени 21 илјади тони тутун, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски по средбата со тутунопроизводителите во Прилепскиот регион.
Покрај повисоката откупна цена, како што рече, има и повеќе склучени договори, поголемо планирано количество на откуп и има подобар квалитет на тутунот, што според него, оди во прилог на успешен откуп со крајни бенефити и за државата и за тутунопроизводителите.
– Просечната откупната цена за килограм тутун сега е 261 денар, за разлика од лани кога беше 250. Ова се историски највисоки откупни цени на тутунот во последните 10 години, рече Ковачевски.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски посочи дека откупната цена за прва класа е 300 денари, 240 денари за втора, а 180 денари за трета, како и дека има над 29.000 склучени договори.
– Овие успеси се резултат на сите политики што ги преземавме во изминатиот период, рече Николовски.
Како што истакна тој, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за следната година има најголем буџет.
– Навреме ќе бидат исплатени сите средства кон тутунопроизводителите и обезбедени се средства за новиот начин на субвенционирање, рече Николовски.
Тутунопроизводителите и познавачите на бизнисот со тутун велат дека е покачена цената на тутунот, но многу повеќе се поскапени горивата и други производи кои се потребни во производството на тутунот, како и храната. Па, ако се според колку леба можеа да се купат со еден килограм тутун лани и годинава, ќе падне во вода „историски највисоката цена“ со која се фалат премиерот и министерот.
Ковачевски во посета на откупен пункт на тутун во Прилеп и на увид на патот Дреново-Фариш
Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска ќе имаат средба со менаџментот на Тутунскиот комбинат во Прилеп, по што ќе посетат откупен пункт на тутун.
Според агендата, премиерот Ковачевски заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавно претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми ќе направат увид на експресниот пат Дреново-Фариш.