Првиот човек на фондацијата „Отворено општество“, Александар Сорос на Фејсбук информираше дека имал средба со премиерот Ковачевски
Добро е да се види Димитар Ковачевски во добро расположение и насмеан иако ја има една од најтешките работи од сите премиери во Европа. Со оваа објава на социјалните мрежи, првиот човек на фондацијата „Отворено општество“, Александар Сорос информираше дека имал средба со македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
Премиерот Ковачевски во Париз присуствуваше на шестото издание на Парискиот мировен форум, насловено „Потрага по заеднички јазик во свет на ривалство“.
Ковачевски, во Елисејската палата, имаше и работна вечера со претседателот на Француската Република, Емануел Макрон, каде што се споделила определбата за здружено дејствување и ефикасни одговори на актуелните предизвици во светот.
За време на неговата посета на Париз, тој информираше дека остварил средба и со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, на која било нагласено значењето на цврстото стратешко партнерство помеѓу Северна Македонија и САД.
За Ковачевски, работната посета на Париз била одлична прилика за отворена дискусија со бројни лидери на држави и влади врзани за справувањето со предизвиците во глобален контекст. Унапредувањето на заедничката соработка е клучно за просперитетот, стабилноста и безбедноста на Европа, вели премиерот.
Парискиот мировен форум беше посветен на најголемите предизвици на денешницата и потрагата по ефективни одговори на најитните предизвици во светот, како што се војната во Украина и конфликтот меѓу Израел и Хамас на Блискиот Исток.