Попладнево во седиштето на СДСМ се одржа примопредавање на функцијата претседател на партијата. Поранешниот претседател Зоран Заев, на новоизбраниот претседател Димитар Ковачевски му ја честиташе победата на внатрепартиските избори и му посака успешен мандат.
– Претседателе ти посакувам среќа, мудроста ја имаш, да ја чуваш оваа најголема и државотворна партија, да ја негуваш социјалдемократијата, да водиш грижа за единството и да ја чуваш слободата и демократијата во нашата земја, како и во партијата. Посакувам успешен мандат како претседател на СДСМ, да избереш мудро раководство кое ние сите ќе го следиме. СДСМ е столб на државноста, му порача Заев на Ковачевски.
Претседателот Ковачевски му се заблагодари на поранешниот претседател Заев за сиот негов придонес во водењето на СДСМ, но и на Владата во изминатите години, период во којшто земјата стана членка на НАТО и постигна историски успеси.
„Ти благодарам и за мудрите одлуки што ги донесе за партијата, но и за државата, благодарение на кои што денеска земјата е членка на НАТО и сме на прагот на почнување на преговори со ЕУ. Благодарам што оставаш партија во наследство што има најголем кадровски потенцијал. Сакам да ти посакам многу здравје, и среќа во личниот и професионалниот живот“ – порача Ковачевски.
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ