До санирање на дефектот на едниот блок во РЕК Битола ќе имаме мали набавки на електрична енергија, но со пуштањето на вториот блок, а наскоро и на третиот, повторно ќе немаме потреба од увоз, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Одговарајќи на новинарски прашања по денешниот увид на градежните работи на тунелот на автопатот Кичево – Охрид, тој информираше дека се работи на санација на пукната цевка на еден од блоковите во РЕК Битола и оти за неколку дена дефектот треба да биде саниран.
– Јас сакам да им се заблагодарам на сите вработени во РЕК Битола, бидејќи работат со технологија, која е изградена во 1978 година, и не се тие виновни што 31 година во С. Македонија не е инвестирано во ниту еден енергетски капацитет. Откако тоа ќе биде направено, повторно ќе бидат пуштени во употреба двата блока, односно во погон двата блока на РЕК Битола. Така не се работи за одговорност, туку се работи за голем напор и труд којшто вработените и раководителите во РЕК Битола го даваат за да го одржат РЕК Битола во функција, рече Ковачевски.
Во однос на пуштањето на третиот блок, информираше дека трансформаторот бил купен и оти се транспортира кон земјава, но поради големината и тежината транспортот ќе бил комбиниран со брод и со камион.
– Благодарение на добрите односи коишто ги имаме со Грција успеавме во рекордно време да ги добиеме сите дозволи транспортни за да може да премине на грчка територија во нашата држава. Сега стручните екипи на РЕК Битола заедно со професори од Архитектонскиот факултет, Градежниот факултет, работат на еден на мостовите кај Новаци, бидејќи тоа е мост којшто има издржливост од 10 тони. Се работи за транспорт од 300 тони заедно со возилото, но со оглед на тоа дека се работи за возило со десет осовини, со одредени зафати коишто ќе бидат направени, би требало до 22 ноември трансформаторот да биде во Битола и да започне неговата монтажа, појасни Ковачевски.
ТЕЦ Неготино, нагласи дека не работи поради високата цена на мазутот и пречки во работењето на генераторот.
– Во овој период кога цената на берзата е помала од претходната цена на ТЕЦ Неготино, заедно со сите стручни екипи со коишто располага државата да се санира генераторот и да биде пуштен кога за тоа ќе се створат услови во однос на цената на мазутот и цената на електричната енергија на берзите. ТЕЦ Осломеј работи, ТЕ-ТО во моментов работи со гас којшто го имаат обезбедено сопствениците на гас и тие го продаваат на слободен пазар, рече премиерот.
Потсети на можноста за набавка на гас по пониска цена од вишоците на соседна Србија.
– Тие имаат резервоари за гас, ние такви не поседуваме историски и да може да се произведе електрична енергија која што ќе биде со цена многу пониска од берзанската цена и која што би била наменета дел за македонското стопанство, а дел за снабдување, бидејќи ќе се работи за српски гас, за снабдување на недостатоците на електрична енергија во Јужна Србија односно во Пчињскиот регион, истакна премиерот Ковачевски.