На прашањето дали на конгресот за отчет ќе се бори да остане на лидерската позиција, ако СДСМ изгуби на изборите, Ковачевски вели дека по изборите ќе го соопшти ставот за идно политичко дејствување
Лидерот на СДСМ и носител на кандидатската листа во првата изборна единица, Димитар Ковачевски, ќе остане да дејствува како пратеник во Собранието и ако СДСМ изгуби на парламентарните избори и не е дел од идната влада, вели тој во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Според Ковачевски, секој што е избран треба во Собранието да ги презентира ставовите и определбите кои што пред изборите ги презентирал пред гласачите.
360°: Ако СДСМ изгуби на изборите, не сте дел од владата и под претпоставка дека СДСМ можеби ќе има нов лидер, дали вашето присуство во парламентот може на некој начин да биде пречка за новото лидерство?
Ковачевски: Одговорноста и процедурите во СДСМ се јасно дефинирани во статутот и нема да се применат за првпат сега, туку се применувани во минатото од 1991 година. После избори во СДСМ има отчетен конгрес каде се гледаат точно причините за резултатот, било да е позитивен или негативен. И после има обврска за избор на сите органи или реизбор на сите органи на партијата зависно од резултатот и потоа партијата продолжува со својата работа. Инаку, јас сум во партијата од 1994 година и сум работел со сите претседатели на СДСМ. Како што јас сум ја имал нивната поддршка, сите идни претседатели на СДСМ ќе ја имаат мојата поддршка и сите раководства на партијата“, вели Ковачевски.
На прашањето дали на конгресот за отчет ќе се бори да остане на лидерската позиција, ако СДСМ изгуби на изборите, Ковачевски вели дека по изборите ќе го соопшти и ставот за идно политичко делување.
„Прерано е да се зборува за тоа, ние сме сега фокусирани на вториот круг претседателски избори и парламентарните, но секако дека на денот на изборите ќе излезам со многу јасна порака во однос на мојот личен став и во однос на тоа што треба да се прави во однос на идните процедури согласно статутот на СДСМ и во консултации, секако, со раководството. СДСМ е најдемократска партија во државата, а јас важам за голем демократ и легалист“, рече Ковачевски.