Социјалдемократскиот сојуз денеска одржува трибина во Куманово, од каде лидерот и премиер на државата, Димитар Ковачевски, порача дека оваа владејачка партија води правилни и државнички политики и дека ќе направи сѐ за Македонија да оди напред кон ЕУ.
Во контекст на Европската Унија, тој вели дека пред нас е историска шанса, која не смееме да ја пропуштиме.
„Интересот на земјата, на народот мора да го стави на прво место, макар еднаш. Не може да си дозволи една партија да не биде дел од ниту еден државнички процес, да не поддржи ниту една одлука важна за иднината на државата. Сите ние имаме одговорност пред граѓаните и пред земјата. Заедно треба да застанеме, рамо до рамо, и заедно да го браниме државниот интерес. Ние ќе продолжиме со нашата посветеност и со нашата работа, нашата рака за дијалог останува подадена. Ние сме на вистинскиот пат и сега е време да се продолжи по вистинскиот пат. Разликата е помеѓу изолација и интеграција во ЕУ. Пред сите нас е историска шанса да го продолжиме европскиот пат на земјата за што имаме досега невидена и силна поддршка од нашите стратешки партнери, ЕУ и САД“, кажа Ковачевски на трибината „МК во ЕУ до 2030, Резултати што прават разлика“.
Првиот човек на СДСМ е на став дека дијалогот со опозицијата мора да продолжи. Сепак тој обвини и дека ВМРО ДПМНЕ досега немаат поддржано ниту една стратешка одлука.
„Што правеше ВМРО-ДПМНЕ? Ништо. Досега немаат поддржано ниту една стратешка одлука. И да не заборавиме дека седеа на страна, блокираа Собрание, фрлаа молотови коктели, свиреа со вувузели и ширеа хистерија за бугаризација и асимилација што се покажа како најголема лага. Тоа се со една изјава на Мицкоски беше поништено, сосе сите нотарски изјави. Но, останува фактот дека не поддржаа ниту една одлука за зачленување во НАТО, не поддржаа ниту една одлука до сега за зачленување во ЕУ. Најеклатантен пример е гласањето на договорот ФРОНТЕКС. Тој договор е прв договор во кој нашиот јазик стои заедно со сите јазици на ЕУ потпишан од сите земји членки на ЕУ. Ниту тоа не го поддржаа и не влегоа да го гласаат за да го ратификуваат во Собранието. Оправдувањето им е дека не го слушнале ѕвончето“, кажа Ковачевски.