Со тактичко показна вежба, доделување признанија и благодарници и низа свечености денеска во касарната „Илинден“ се одбележа 41-годишнината од формирањето на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
Министерот за внатрешни рабори, Оливер Спасовски, порача дека претставува чест да се одбележи годишнината од формирањето на најреномирана полициска формација во рамки на МВР.
– На прагот од петтата деценија САЕ „Тигар“ од аспект на професионалност и стручност на нејзините пропадници претставува вистинска гордост не само на МВР, туку генерално на С. Македонија, и на тоа сум длабоко убеден, изјави Спасовски.
Единицата „Тигар“, нагласи Спасовски е неизоставен сегмент од оперативните акции на МВР, и тие се секогаш подготвени за најтешките мисии и без нив речиси не може да помине некоја поголема полициска акција за сузбивање на криумчарење на дрога и криумчарање мигранти. Заедно со останатите единици, тие биле дел од бројни активности, во кои се запленети седум тони хероин во вредност од околу 300 милиони евра, 1,2 тони психотропни супстанци во вредност од 200 милиони евра и над два тони марихуана со вредност од 4,5 милиони евра.
Премиерот Димитар Ковачевски, порача дека единицата „Тигар“ е синоним за обученост по највисоки стандарди кои ги налага борбата против тероризмот и насилниот криминал, и претставува група од максимално посветени и врвно обучени поединци подгитвени да се справат со секој предизвик, кој може да биде закана за безбедноста на земјата.
– Вие и вашата единица испраќате силна порака дека РС Македонија има добро подготвен и функционален систем за национална безбедност за борба против сите облици на криминал, а особено за борба против тероризмот. Почитувани припадници на „Тигар“ Ви го честитам денот на формирањето и во името на граѓаните Ви посакувам понатамошни успеси во извршувањето на вашите задачи, изјави Ковачевски.
Цвеќе пред спомен плочата на загинатите припадници на единицата положија делегации од Владата, Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедности и семејствата на загинатите претставници.
Командантот на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ Митко Даневски, посочи дека единицата претставува професионална и високо опремена единица, која само во текот на минатата година имала обуки и вежби со зелените беретки на САД, како и специјалните единици Кобра од Австрија, Урна од Чешка, Карабинерите од Италија и Раид од Франција.
– Реализирани се повеќе од 100 акции за сузбивање криминалистички групи и апсење на вооружени лица, од кои 57 акции беа насочени кон спречување недозволена тргоција со наркотици и беа запленети повеќе од три тони наркотици и поголема количина на оружје. Извршени се и 69 упади во објекти и 13 препади на моторни возила со присилно запирање, при што лишени од слобода се 89 лица, изјави Даневски.
Направени се, посочи Даневски, и пет тактичко показни вежби, повеќе спасителни операции на луѓе и имот и учестување во гаснење на шумските пожари.
Во рамки на одбележување на свеченоста беа доделени и благодарници за соработката на МВР, БЈБ, Синдикатот на полицијата и поддржувачи на единицата. Јубилејни плакети за 5, 15 и 20 години служба во единицата беа врачени и на повеќе припадници од САЕ Тигар.
Министерот Спасовски му додели јубилејна плаката за 30 години континуирана служба и по повод пензионирање на помошник командантот на единицата Ѓоко Динчевски, додека премиерот Ковачевски му додели плаката на најдобриот припадник на единицата „Тигар“ за 2021 година.
Единицата минатата година е ребрендирана од единица за специјална задачи во единица за Специјална антитерористичка единица.