Премиерот Димитар Ковачевски вечерва во интервју за ТВ Сител најави оставка од функцијата.
„Кога ќе ги изгласаме уставните измени јас ќе поднесам оставка и ќе одиме на избори“, најави премиерот Димитар Ковачевски.
„Ниту еден човек не се родил за да биде премиер. Да бидеш премиер е голема чест и голема одговорност. Одговорност да спроведеш визија на граѓаните да живеат подобро, меѓутоа да бидеш искрен со нив“, вели Ковачевски.
Тој додава дека втората опција е доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да станат дел од Владата, може да ги добијат половина од местата на СДСМ во Влада.
„Ќе бидат дел од Владата, ќе го завршиме процесот, ќе го завршиме скринингот. Ќе отвориме едно поглавје или две и ќе затвотриме едно поглавје и ќе одиме на избори. Влада во која доминантно министри ќе има ВМРО-ДПМНЕ“, додаде Ковачевски.
Премиерот и лидер на СДСМ рече дека собраниската седница покажала дека СДСМ и коалицијата, европската коалиција се за продолжување на европската интеграција на Македонија и дека опозицијата сака да ја блокира европската иднина на земјата.
-Повторно, како што било во минатото ДПМНЕ е за блокада на патот на … Македонија во европските интеграции, односно зачленување во ЕУ исто како што беше и против зачленувањето во НАТО. Вие се сеќавате дека ние поминавме еден процес на уставни измени и при зачленувањето на НАТО. Благодарение на тој успешен процес, денес сите сме горди што сме земја членка на НАТО особено кога се води воен конфликт во Европа, рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ и премиер додаде дека е убеден дека македонското Собрание има капацитет да донесе уште една стратешка одлука за иднината на земјата.
– Убеден сум дека нашето Собрание има капацитет да донесе уште една голема, стратешка одлука за граѓаните, пред се за иднината на граѓаните со која што ќе го започнеме отворањето на кластерите, по успешното завршување кое следи на скрининг процесот, веќе првиот извештај за кластерот фундаменти е завршен. И до 2030 година државата да стане земја членка на ЕУ, рече Ковачевски.