До утре истекува рокот за Законот за амнестија да се најде на седница на Влада. Премиерот Димитар Ковачевски денеска запрашан за тоа до каде е неговото носење не беше дециден дали веќе се знае конечната верзија која ќе ја предложи Владата и дали таа ќе биде прифатена токму на утрешната владина седница, пренесува Радио Слободна Европа.
„Законот за амнестија кој се однесува на помали кривични дела бил презентиран на владина седница, но заради техничко усогласување со секторот законодавство даден е период до утрешната седница и како таков откако е усогласен или ќе биде усогласен, ќе биде поднесен до Собранието. По тоа од пратениците зависи дали ќе биде донесен, во која форма ќе биде донесен и кога ќе биде донесен“, рече Ковачевски.
Меѓупартиските обвинувања за политички пазари со измените на Кривичниот законик и предложениот па повлечен Закон за амнестија, кои се поврзуваат со обезбедување на двотретинско мнозинство за усвојување на уставните измени и вметнување на Бугарите во Уставот, се сведоа и на внатрепартиски конфликти.
За измените на Кривичниот законик, Ковачевски во неколку наврати ги учеше новинарите што да истражуваат или какви прашања да поставуваат. Во однос на веќе донесените измени на Кривичниот законик со кои индиректно се амнестираат голем дел обвинети од случаите на СЈО тој направи „паралела“ со законите кои ги има во Германија или пак во Словенија, земји членки на Европската Унија. Рече дека многу добро го знае германското законодавство, па им порача на новинарите дека ако погледнат ќе видат дали има такви членови кои кај нас ги има. Им порача да ги видат и казните во Словенија.
„Ние за некои работи сакаме да се повикуваме на Германија, сакаме да се повикуваме на Словенија, ама некогаш сакаме да не се повикуваме ниту на Германија, ниту на Словенија. Туку ако може да се повикаме на Азербеџајн, Казахстан, знаете тоа некако ми изгледа со двојни аршини. Еве јас ќе ви поставам прашање па вие јавете се во Брисел, за настанот кога во Европски парламен ги фатија дека местеле доделување каде ќе биде светско првенство во фудбал. Проверете по кој член од Кривичен законик ги гонат. Еве истражувачко новинарство малку во Брисел да видеме по кој член од Кривичен законик ги гонат“, рече Ковачевски.
Наспроти острите критики на Европската комисија за брзото усвојување на измените на Кривичниот законик, вклучително обвинувањата за злоупотреба на европското знаме и загриженоста дека измените ќе влијаат врз случаи на корупција на високо ниво, ставот на македонскиот премиер Димитар Ковачевски е дека ревидираниот закон беспрекорно е усогласен со регулативите на земјите членки на Европската унија (ЕУ).
Европската комисија критикуваше дека измените на Кривичниот законик биле донесени без комуникација со нив, ниту пак со домашните чинители. Во реакцијата на Европската комисија е наведено дека ЕУ со загриженост забележува дека некои од измените на Кривичниот законик се усвоени на забрзан начин од Собранието на Северна Македонија, а кои ги намалуваат максималните законски казни и имаат импликации врз примената на застареноста ќе влијае на голем број случаи на корупција на високо ниво.