Премиерот Димитар Ковачевски вели дека 1 јануари 2023 не само што нема да има зголемување на цената на електричната енергија, туку очекува да има нејзино намалување на регулираниот пазар кај малите потрошувачи, односно за малите и микропретпријатија во државата.
Ковачевски ова го кажа на денешната прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање во врска со денешната информација дека ЕСМ му понудил на „ЕВН хоум“ купопродажна цена на електрична енергија од 56 евра за мегават-час која е за околу 16 отсто повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер кога ЕСМ понуди купопродажна цена од 48 евра за мегават-час.
Прашан дали државата ќе ја покрива разликата и од кои пари и што ќе се случува со сметките на граѓаните од 1 јануари, премиерот рече дека финалната цена ќе ја определи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
„Не е само една цена што вие ја кажавте, еве јас од вас (новинарката што го постави прашањето) разбрав за 56 евра, туку се однесува и на цена за покривање на загубите и на цената на електрична енергија за дистрибуција (електрична енергија), што на крај, врз основа на тие влезни ценовни параметри, како и на влезните квантитативни параметри од МЕПСО, од ЕВН и од ЕСМ, Регулаторна комисија за енергетика ќе треба да ја определи финалната цена“, рече Ковачевски.
Следејќи го движењето на овие цени и на другите фактори кои ја определуваат финалната цена на електричната енергија, Ковачевски категорично вели дека нема да има ценовен шок за граѓаните кога станува збор за висината на цената струјата.
„Следејќи ги движењата на оваа цена која вие ја споменавте, како и движењето на другите цени, односно факторите што ја определуваат висината на цената на загубите, и јас исто така го делам мислењето на вицепремиерот за економски прашања (Фатмир Битиќи) и на министерот за економија (Крешник Бектеши) со кој секојдневно работиме на решавање на проблемите во енергетиката дека граѓаните нема да имаат ценовен шок на 1 јануари 2023 година, дури сметам дека оние граѓани кои најмалку трошат, кои најмногу заштедиле, а тоа се во првите два тарифни блока, дека нема да имаат зголемување, оние граѓани кои многу трошат, кои можат тоа финансиски да го поднесат без никакви проблеми, тогаш тие веројатно ќе имаат зголемување. И она што сметам дека е значајно да се случи со цената и мислам дека со овие влезни параметри може да се случи да има намалување на цената на електричната енергија за регулираниот пазар кај малите протрошувачи, а тоа се седумдесетина илјади компании кои вработуваат 98 проценти од вработените во државата. Да почекаме Регулаторна комисија да ја даде финалната цена, меѓутоа јас се согласувам со оценката што ја даде вицепремиерот за економски прашања“,
рече Ковачевски на денешната прес-конференција на која заедно со ресорниот министер Благој Бочварски го презентираа предлог-буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2023 година.