Средбата со лидерот на опозицијата во пресрет на двојните избори премиерот Димитар Ковачевски уверува дека нема да биде тајна, туку ќе се одржи на јавно место. По денешната промоција на нова инвестиција во ТИРЗ, премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања, рече и дека неговата партија е во постојана комуникација со ВМРО- ДПМНЕ.

Јас не гледам потреба од тајни средби. Кога ќе имаме средба, таа ќе биде на јавен простор, дали во Клубот на пратениците, дали во Собранието, дали на улицата Македонија, сеедно, во некое кафуле. Ние имаме комуникација на партиско ниво. Потпретседателот од ВМРО-ДПМНЕ е во редовна комуникација со заменик-претседателката на СДСМ, рече премиерот Ковачевски.

И лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, порача дека не сака тајни средби со Ковачевски. Преку медиумите најави дека по Водици, 19 јануари, ќе имаат целосна слика за составот на техниката влада, која треба да стапи во сила на крајот на месецот.