Премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми денеска присуствуваа на пуштањето во употреба на делница Крупиште-Кочани на експресниот пат Штип-Кочани.
Со денешното ставање во функција на 13,7 километри од Крупиште до Кочани и трасата од Штип до Крупиште, целосно е завршен проектот кој се реализираше во две фази.
– Како што ветивме и сигурно се сеќавате дека пред еден месец дадов задолжение да се завршат последните активности од изградбата на оваа делница, еве нѐ денеска тука за да го исполниме тоа ветување.На мое огромно задоволство, но верувам и на огромно задоволство на граѓаните од целиот источен регион ја имам честа да го пуштам во употреба експресниот пат Крупиште-Кочани.Нека ни е со среќа и честитки пред сѐ до сите вклучени и до Министерството за транспорт и врски, ЈПДП, изведувачите, подизведувачите и надзорот. Завршена е голема работа, рече Ковачевски.
Посочи дека наредна година очекува да има уште многу вакви настани, со кои ќе има брзо и динамично подобрување на инфраструктурата во земјата.
– Изградбата на нови патишта, подобра и модерна инфраструктура и инвестирањето во капитални објекти со кои се подобрува квалитетот на животот на граѓаните и се обезбедуваат подобри услови за работа на компаниите е врвен приоритет на Владата. Денеска пуштаме во употреба токму ваква значајна инвестиција за целиот источен регион од, односно делницата Крупиште-Кочани од експресниот пат Штип-Кочани. Со оваа инвестиција уште еднаш ги потврдуваме нашите заложби за рамномерен развој на целата држава и обезбедување на подобра конекција помеѓу градовите, додаде Ковачевски.
Забележа дека со изградбата на експресниот пат се овозможува брзо и современо поврзување помеѓу Штип и Кочани, со што се забрзува и олеснува патувањето за граѓаните од овој крај. Се намалуваат километрите пат и времетраењето на патувањето, но најважно од сѐ се зголеми безбедноста во сообраќајот.
Во првата фаза од изградбата во 2020 година беше пуштен делот од експресниот пат Штип до Крупиште со должина од 14,3 километри и вредност 28,5 милиони евра.Со денешното ставање во функција на останатите 13,7 километри од делницата, во вредност од 18 милиони евра, какошто рече Ковачевски целосно се заокружува изградбата која се одвиваше во две фази. Средствата и за првата и за втората фаза од изградбата беа обезбедени од заем од ЕБОР.
-Изминативе пет години, Владата изгради патишта во должина од околу 1.300 километри, значи двојно повеќе од претходниот десет годишен период, кога биле направени само околу 650 километри патишта.Заложбите на Владата за вложување во современа инфраструктура се гледаат и во Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2023 година кој изнесува околу 324 милиони евра, што е за 135% зголемување од оваа година, вели Ковачевски.
Порача дека во 2023 година продолжува изградбата на автопатите на Коридорот 8, за што се предвидени 244 милиони евра.
-Очекуваме следната година да заврши изградбата на автопатот Кичево-Охрид и веќе во јануари 2024 година да можат граѓаните, сите ние да возиме по тој автопат. Активно продолжува изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, третата лента на патот Паланка-Деве Баир. Во рамки на овој Коридор, наредната година треба да отпочне изградбата на автопатските делници Ќафасан-Струга-Требениште, Букојчани-Гостивар, Гостивар-Тетово и Коридорот 10Д Прилеп-Битола. Активно ќе се работи и на изградбата на експресниот пат Градско-Дреново, Дреново-Фариш, Скопје-Блаце прва фаза, Битола-Меџитилија и други автопатски делници, вели Ковачевски.
Во рамки на Коридорот 8, со предлог Буџетот за транспорт и врски, 33 милиони евра се предвидени за изградба на железницата од овој Коридор. Премиерот, Ковачевски истакна дека инвестициите во модерна патна инфраструктура се важни и за граѓаните и за компаниите, но и за инвеститорите. Од една страна тие значат безбедно и модерно поврзување помеѓу градовите и селата, а од друга страна со ваквите инвестиции се отвораат нови, подобро платени работни места.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски истакна дека од Регион кој претходно бил заборавен денеска е создаден регион на ивестиции, а истокот со модерна патна инфраструктура се поврза со централниот дел на државата како и со Репубилка Бугарија.
– Овој експресен пат е еден доказ за тоа, изградивме едно модерно патно решение, патна врска од Штип до Кочани со која се подигна нивото на безбедност во сообраќајот. Ако пред пет години од Кочани до Скопје се патуваше еден час и 40 сега се стигнува за помалку од еден час, додава Бочварски.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми потенцираше дека експресниот пат Штип-Кочани е граден по висок квалитет на градба, како шрвата, така и втората делница.
– Има две коловозни ленти и две ленти за застанување со што на граѓаните од истокот им се нуди побрз и побезбеден начин на возење. Експресниот пат е со висок квалитет на градба. Ширина на патот е 11.4 метри и има четири ленти, по две коловозни од 3,5 метри и две ленти за застанување од по 2 метри. Максималната брзина на движење на експресниот пат е 110 километри на час, вели Рустеми.