Вака, со визија и решителни одлуки, а не со зборови, се создаваат просперитетни услови во нашата држава, за да го задржиме младиот кадар, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски од Штип.
Тој говореше во Технолошко-индустриската развоја зона (ТИРЗ) во Штип, каде ќе се отвори нова фабрика, инвестиција на компанијата „Магнамехатроникс“ која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти. Таа е прва инвестиција во државава годинава, од околу 40 милиони евра, а според деловниот план, предвидени се најмалку 600 работни места.
Според премиерот Ковачевски, трендот се повеќе странски компании да отвораат свои фабрики овде во земјава е од голема помош и тоа ќе донесе економски раст и напредок на земјата, раст на платите и пензиите а сето тоа позитивно ќе се одрази на квалитетот на животот на граѓаните.
-Компанија која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на сите најзначајни производители на автомовили во светот оствари стабилен раст на европскиот пазар и се појави потреба од нова фабрика на една од деветте групации. Спроведеното истражување на потенцијални локации за отворање на нова фабрика во Европа опфати повеќе држави, но компанијата одлучи за инвестирање и отворање фабрика да ја избере С. Македонија, на понуденоата локација во Технолошко-индустриската развоја зона во Штип, рече Ковачевски на денешната прес-конференција.
Премиерот информираше дека по отворањето на фабрика во ТИРЗ Струга, за производство на ретровизори и други технолошки продукти за автомобилската индустрија, каде според бизнис планот на компанијата ќе се вработат илјада луѓе, во ТИРЗ Штип компанијата ќе отвори нова фабрика каде производстовото се планира да започне годинава, а сериското производство ќе започне во првата половина од 2024 година.
-Вака се создаваат просперитетни услови во државата, не со зборови, не со политички пораки, не со надмудрување, туку со многу работа, решителни одлуки и визија. Нема поголем влог во државата од тоа младиот кадар своето знаење и труд да го инвестира во сопствената земја и да биде движечка сила за напредокот на државата. Таа можност им ја должиме на младите генерации и по секоја цена ќе ја оствариме. Нашите граѓани заслужуваат европски услови за работа и европски плати, додаде Ковачевски.
Директорот на Дирекцијата за Технолошки-индустриски развојни зони Јован Деспотовски рече дека во завршна фаза на разговори се повеќе крупни инвестициски проекти, за кои ќе информираат следните недели.
Според деловниот план, како што посочи, инвестицијата во ТИРЗ Штип предвидува најмалку 600 работни места, а Деспотовски очекува бројката да биде поголема.
Како што рече, локацијата во Штип беше избрана за да се поттикне поумерен регионален развој бидејќи, напомена, бенефитите од странските инвестиции не се исклучива привилегија на граѓаните на главниот град, туку треба да бидат достапни за сите.