„Човекот е кукавица, човекот е киднапиран домазет во својата влада, се плаши да оди на избори, се плаши да излезе на ТВ-дуел – таква е оваа политичка матрица на овие луѓе. Освен тоа што уште некое време ќе бидат таму каде што се, јас не очекувам каква било креативност – еднаш кукавица, цел живот кукавица“, рече лидерот на опозицијата одговарајќи на новинарски прашања по посетата во Ваташа каде што присуствуваше на одбележувањето на 80 години од стрелањето на 12 ваташки младинци.
Мицкоски не очекува позитивен одговор од Ковачевски за предлозите од лидерската, но го повика премиерот на ТВ дуел, на што владејачкиот СДСМ одговори преку писмено соопштение.
Во одговорот на партијата е наведено оти, наместо на бескорисни ТВ-дуели, опозициската партија треба да номинира свои претставници кои би учествувале во работните групи за продолжување на дијалогот.
„Премиерот Ковачевски и Христијан Мицкоски веќе имаа лидерска средба на која се разговараше за сè. Потоа сето тоа беше презентирано пред целата македонска јавност на прес-конференција. Сега е време да се почне со работа и да се престане со блокади, бидејќи губиме време. Наместо бескорисни ТВ-дуели, ја повикуваме ДПМНЕ да си го одржи ветувањето и да номинира свои претставници“, гласи одговорот на СДСМ.
Лидерската средба меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, која се одржа на 7 јуни во Клубот на пратениците, заврши без конкретен договор меѓу владејачката и опозициската партија по однос на прашањето за спроведување на уставните измени, но двете страни оставија простор за продолжување на разговорот.