Одговорно тврдам дека ние како држава во моментов набавуваме јаглен со најниска цена во регионот, вели генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
– Просечната цена се движи од 55 до 62 евра по тон. Ако отворите на берзите денес ќе видите дека цените се движат 90, 100 до 120 евра по тон. Затоа кажав дека јагленот го набавуваме по пониски цени од сите останати држави, рече Ковачевски по средбата со енергетската асоцијација.
Тој додаде дека јагленот се набавува од Грција и од Албанија и дека во текот на оваа недела ќе се преговара на состанок со претставници од Косово за дополнителна набавка. Додаде дека на Македонија до мај следната година ќе и бидат потребни 1,5 милиони тони увозен јаглен за задоволување на потребите на домаќинствата и малите потрошувачи.
Ковачевски додаде дека во август ќе започне постапка за купување на 200.000 тони мазут за работа на ТЕЦ Неготино за до април 2024 година.