Оваа одлука на вселенската патријаршија што нè признава под име Охридска Архиепископија значи признавање на континуитетот што го има нашата историска црква со древната Охридска Архиепископија, вели премиерот.

Одлуката на Вселенската Патријаршија да ја признае нашата црква како канонска, според премиерот Димитар Ковачевски,е најважниот и најголемиот чекор кој сега е завршен.

Нашата православна црква, вели премиерот, сега е во заедница со сите православни цркви и денешниот ден е историски бидејќи завршува седумдецениската изолација.

„Денеска со одлуката на Вселенската Патријаршија ние влегуваме во православното семејство на сите помесни цркви. И оваа одлука на вселенската патријаршија што нè признава под име Охридска Архиепископија значи признавање на континуитетот што го има нашата историска црква со древната Охридска Архиепископија“, вели Ковачевски.

Тој во објавата на Светиот Синод на Македонската Православна Црква и на православните христијани им честита за убавата вест, а до Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј упати голема благодарност. Со оваа одлука, според премиерот, Вартоломеј и Вселенската Патријаршија покажале голема грижа и потврдиле дека стојат на историската мисија и одговорност.