Со Отворен Балкан, како држава и како Влада имаме обврска да обезбедиме подобар животен стандард на граѓаните, да обезбедиме подобра инфраструктура, и да ја спречиме корупцијата со ефикасност на администрацијата и на сите институции“, подвлече денеска премиерот Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали „Отворен Балкан“ останува единствена реална иницијатива за нашата земја доколку има уште едно „не“ од Бугарија.
Тој подвлече дека од друга страна граѓаните на нашата земја не можат да бидат заложници на исчекувања на датуми на секој нов Самит на ЕУ и затоа тој не се врзува за датуми за нешто што не зависи од нас.
„Ние нашата работа ја имаме завршено. Република Северна Македонија има четири позитивни последователни извештаи од страна на Европската комисија. Имаме 45 проценти усогласеност на националното законодавство со законодавството на Европската Унија“, рече Ковачевски.
Посочувајќи дека определбата за европска интеграција во НАТО и во ЕУ секогаш ќе биде стратешка цел како и остварувањето на членството во НАТО за што граѓаните донесоа тешки одлуки.
„Европската Унија досега не го испорача своето ветување, но веруваме дека тоа еден ден ќе се случи како резултат на усогласување и на разговорите базирани на европски вредности“, рече Ковачевски, додавајќи дека имаме стратешки дијалог со САД за важни прашања.
Ковачевски потенцираше дека „Отворен Балкан“ е оригинална, органска иницијатива на трите држави, базирана на европски вредности, бидејќи сите граѓани од државите на регионот имаат право да живеат и да соработуваат меѓу себе.
Иницијативата има само добри страни, рече Ковачевски, кој повтори дека замена за стратешката цел на интеграција на нашата земја во ЕУ не постои, но земјите од регионот заради граѓаните ќе ја унапредуваат соработката преку досега донесените иницијативи, како и со други за кои беше постигната согласност на самитот на „Отворен Балкан“ во Охрид.