Се прават напори да им бидат исплатени платите на здравствените работници, вели во интервју за МИА, премиерот Димитар Ковачевски. Ковачевски вели дека пари за плати во буџетот има, но проблем е исплатата поради хакираниот систем на Фондот за здравствено осигурување, за кој вели дека се уште се работи на негово решавање.

„Јас го разбирам револтот на здравствените работници. Прво, имаше информации дека немало пари во Буџетот. Пари во Буџетот има и во Фондот за здравство и во централниот буџет, меѓутоа со оглед на начинот на којшто се исплаќаат платите и со оглед на сајбер нападот што се случува, тоа не беше возможно да се направи во изминатите денови. Ние работевме заедно со Министерството за финансии и со вработените во трезорот тоа да може да се направи од централниот трезор што е комплицирана работа, меѓутоа на која што се работи, вели Ковачевски.

Системот на Фондот за здравство веќе со недели е хакиран, поради што здравствените работници немаат плата, а граѓаните не можат да добијат исплата за боледувања, породилно отсуство и рефундации. Дел од здравствените синдикати веќе најавија и можни протести наредната недела.