Нема да има предвремени избори и нема да има реконструкција на Владата, вели премиерот Димитар Ковачевски по коментирањето на загрижувачките резултати за Владата од последното истражување на американската ИРИ и по засилените средби со граѓаните во вид на активности слични на предизборна кампања.
Премиерот вели дека парламентарни избори ќе има во 2024 година, по претседателските. Додава дека истражувањето било направено само неколку месеци по неговото доаѓање на чело на извршната власт и во периодот кога свое влијание имала, како што рече, манипулацијата со мислењето за францускиот предлог.
Според последното истражување на ИРИ, 58 отсто од граѓаните сметаат дека државата оди во погрешна насока. 56 отсто не ги поддржуваат уставните измени и вклучувањето на Бугарите во Уставот. ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени избори за решавање на многуте насобрани проблеми во државата и повтори дека нема да ги поддржи уставни измени.
Последното истражување на ИРИ покажа дека само 4 отсто од граѓаните имаат доверба во судството, а само 3 отсто во Јавното обвинителство. 4 отсто од граѓаните имаат доверба во политичките партии и Собранието, 7 отсто во власта, а 8 отсто во опозицијата. Истражувањето покажа дека поранешниот премиер Никола Груевски ја ужива поддршката од 7 отсто од испитаниците, оставајќи ги зад себе сите актуелни лидери на политички партии во земјава. Ковачевски ужива поддршката од 5 отсто, а Мицкоски од 6.