Кога земјите од Западен Балкан ќе добијат пасоши со европско знаменце, тогаш Унијата ќе биде целосна.
Ова го констатираа премиерите на Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама на денешната билатерална средба, на првата официјална посета на земјите од балканот кои ги остварува албанскиот премиер.
Фокусот го доби Берлинскиот процес, за кој и двајцата велат дека не е замена за членството во ЕУ, но е процес кој ќе обезбеди побрза интеграција на земјите од регионот. Рама и Ковачевски тврдат дека Отворен Балкан – иницијативата на Македонија, Србија и Албанија не е завршена приказна, но за разлика од претходно, таа помина во сенка на Берлинскиот процес. Она пак што според Рама треба да го преземе ЕУ е поголема финансиска поддршка, бидејќи вели, не може да има граѓани од прв и втор ред.
„Јазот помеѓу земјите членки на ЕУ и нашите земји од аспект на финансиската поддршка од ЕУ е неспоредлив. Има бројни заеднички предизвици кои на определен начин налагаат заеднички приод кон граѓаните кои што не можат да бидат граѓани од прв ред, граѓани од втор ред.“ – изјави Рама.
Премиерот Ковачевски пак, ги пофали сите регионални иницијативи кои според него, носат придобивки за граѓаните и бизнисот во Западен Балкан, секоја од нив е чекор напред кон ЕУ. Даде поддршка и на Оценската мисија која Европската Унија ја најави за работата на Судскиот совет, со став дека такви комисии имало и во минатото.
„Драго ми е што иницијативите кои се потпишаа во Берлинскиот процес се покажа дека можат да бидат спроведени меѓу земји од Западен балкан, а тоа се случи во рамки на Отворен балкан и таа ќе биде поттик за да и берлинскиот процес ги даде посакуваните и очекуваните резултати. Мисијата на интеграцијата како императив, а кој што финална цел е интеграција на сите земји во ЕУ не е завршена. Берлинскиот процес е поширока иницијатива, ќе работиме заедно на неа.“ – изјави Ковачевски.
А барањето за зголемен интензитет за регионалните иницијативи доаѓа во моменти кога косовскиот премиер Албин Курти одби средба со Рама, кој пак од Скопје заминува во Приштина и кој од Македонија испрати порака дека се уште имам надеж дека Курти не заборавил дека гостинот не се брка од дома.
Освен косовскиот премиер, дека одбил средба со албанскиот премиер кажа и лидерот на Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами, за кого пак Рама посочи дека никогаш и не му бил дел од агендата. На стабилизација на односите Белград-Приштина пак, повика и Ковачевски