Премиерот Димитар Ковачевски денеска соопшти дека сите информации поврзани со рудникот Иловица најпрво ќе бидат доставени до Владата, а потоа министерот за економија Крешник Бектеши ќе ги сподели и со медиумите.
Одговорајќи на новинарско прашање по теренската посета на делницата Градско – Дреново, Ковачевски повтори дека ако граѓаните не сакаат, рудник нема да има.
-Вчера вицепремиерот Битиќи на прес-конференција одговори за одлуката што ја донесе Владата, дека Министерството за економија на наредната седница треба да достави детална информација за сите одлуки, судски и управни постапки водени од 2012 година до денес. Врз основа на таа информација потоа ќе се донесат соодветни одулуки за иднината. Притоа ќе мора да се внимава на интересот на граѓаните. Јас тоа јасно сум го кажал од првиот ден, дека рудници може да има само со согласност на граѓаните, ако се тие против, не може да има. Тоа не беше случај со претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ која имаше издадено 86 дозволи за концесии и општините, предводени исто така од ВМРО-ДПМНЕ, веќе ги имаа донесено одлуките за почеток на работите за отворање на рудниците. Сега тоа не е случај. Значи, кога ќе бидат доставени информациите до Владата, министерот ќе ги сподели со сите медиуми, истакна Ковачевски.
Премиерот на теренската посета беше придружуван од евроамбасадорот Дејвид Гир, минисерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми.