Никогаш и по ниту една цена нема да се откажеме од она во што веруваме и ќе се бориме сè додека не успееме тоа да стане реалност, нема да дозволиме никој да ја уназадува државата, нема да дозволиме никој да си игра со иднината на нашите деца“, истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски пред граѓаните кои присуствуваа на вечерашниот митинг на Коалицијата за европска иднина во општина Центар.
Ковачевски, ги повика граѓаните, пред да гласаат на 8-ми мај, убаво да размислат која партија ја управуваше државата демократски и донесе позитивни одлуки за иднината, а која партија владееше авторитарно и се коцкаше со иднината за лични интереси.
„Ако десничарска партија добие преголема моќ, може да се соочиме со она што го гледавме 11 години. Тоа ќе стави прво крај на нашите ЕУ перспективи, крај на независните медиуми и на независното судство. Ќе стави крај и на добрите меѓуетнички односи. Ќе стави крај на една демократска држава во која денес секој може слободно да го каже своето мислење“, рече Ковачевски.
Говорејќи за енергетската и економската криза, лидерот на СДСМ, порача дека партијата никогаш не се откажала од своите социјал-демократски вредности и постојано била рамо до рамо со граѓаните.
„Јас никогаш ниту побарав благодарност ниту некој од мојот економски тим побара благодарност за тоа што кога Скопје немаше парно заради ВМРО и нивната градоначалничка Арсовска, обезбедивме парно за Скопје. Кога успеавме да обезбедиме електрична енергија по цена 90% помала од пазарната исто така не баравме и не треба да бараме благодарсност, затоа што тоа е наша обврска. Кога трошоците за живот се зголемија, брзо реагиравме ги зголемивме и платите и пензиите и социјалните трансфери за сите граѓани а особено за оние од најранливите категории. Но, оние кои што го критикуваа тоа, тие треба барем да се извинат за тоа што ширеа хистерија и страв кај граѓаните“, истакна Ковачевски.
Дел од говорот, Ковачевски посвети и на меѓуетничките односи, велејќи дека СДСМ никогаш нема да се откаже од градењето едно општество за сите граѓани, но искучиво преку почитување на европските вредности на солидарност, правичност, чесност и одговорност. Ги предупреди граѓаните да не подлегнуваат на реториката на која ја гледаме деновиве, која како што рече, е опасна и претставува закана за мултиетничкото ткиво на нашето општество,се наведува во партиското соопштение.