Стратегијата на опозицијата е блокада, тоа им стана како спиритус мовенс на нивното работење, стануваат наутро и викаат јас сега ќе блокирам. Тоа е веројатно нешто што во 11 години години владеење го научиле, вели премиерот Ковачевски
Нема решение во парламентот кое опозицијата не го блокирала. Јас откако сум дел од Владата и дел од парламентарната дебата, било како заменик-министер за финансии, било како премиер, стратегијата на опозицијата е блокада, тоа им стана како спиритус мовенс на нивното работење, стануваат наутро и викаат јас сега ќе блокирам. Тоа е веројатно нешто што во 11 години години владеење го научиле. Тогаш имавме блокирани евроинтеграции, имавме блокирани НАТО-интеграции, имавме блокирани односи со соседите, имавме блокиран економски развој. Ова е одговорот на премиерот Димитар Ковачевски по денешните најави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека со амандмани ќе го блокираат законот за амнестија.
Ковачевски најави дека министерот за правда Кренар Лога утре напладне на брифинг со новинарите ќе го образложи предложениот закон кој доби „зелено светло“ од Владата за да оди пред пратениците во Собрание.
„Од она што го имам како информација во мојот кабинет, јас верувам дека тоа ќе се случи утре во 12 часот, при што министерот за правда во детали ќе го образложи предложениот закон за амнестија, кој не е прв во државата што се носи како таков бидејќи мислам дека во 2018 година се носеше таков закон со тоа што овој е порестриктивен во однос на тоа што тогаш беше донесено, а целите се растоварување на затворскиот систем и нормално санкционирање, односно оневозможување на каква било амнестија за оние што извршиле тешки кривични дела и се точно и детално наведени во законот“ рече Ковачевски.
Денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека законот, кој е поднесен во Собранието, ќе го блокираат со амандмани бидејќи намерата на власта со овој закон, како што вели, е да се ослободат криминалци кои служат затворски казни.
Додаде дека со законот целосно или делумно ќе се ослободат дел од затворениците во затворите, а потоа, како што рече, „истите тие криминалци ќе се најдат на улица и ќе ѝ прават проблем на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ“.
Министерството за правда вчера преку писмено соопштение информираше дека предлог-законот за амнестија, кој уште минатата недела се најде на владина седница, по што беше вратен на дополнително усогласување, добил „зелено светло“ на вчерашната седница на Владата.
Од Правда вчера дадоа објаснување за кого ќе важи предложената амнестија.
Единствената промена, од она што може да се забележи од соопштението, што е направена во содржината на законот, е амнестија на лицата што направиле кривично дело во странство, а казната ја издржуваат во земјава.
Законот за амнестија што го предлага Лога ги опфаќа македонските државјани кои се осудени од странски или меѓународен суд согласно кривичните закони на странска држава, а казната ја издржуваат во С Македонија откако пресудата е признаена од надлежен суд во земјава, согласно ратификуван меѓународен договор.
Останатите одредби од предлог-законот, согласно дописот од Правда, не се променети.
Па така, со законот се предлага целосно ослободување на лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, а за осудениците кои со правосилна пресуда се осудени на казна затвор поголема од шест месеци, се предлага ослободување од издржувањето на 30 отсто од целокупната казна.
Законот за амнестија не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право.