Претседателот на Владата на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Тирана, Албанија, во рамки на неговото учество на Самитот на лидери на Берлински процес, оствари работна средба со Комесарот за соседска политика и проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји. На средбата како дел од владината делегација зема учество и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
На средбата беше потврдена цврста поддршка на ЕУ за проширувањето со земји од Западен Балкан, и беше истакнато дека Македонија, како партнер од доверба и земја која последните шест години направи огромен исчекор во возобновување и развој на демократијата и демократските процеси, треба што поскоро да е дел од Европската Унија.
На средбата се дискутираше и за Планот за раст на Европската комисија, кој што е оценет како добра шанса за Македонија и нашите граѓани кои со овој план ќе почувствуваат дел од придобивките од членството во ЕУ уште пред да станеме членка. Како што беше разговарано, со овој план сме поблиску до целта, членство на Македонија во ЕУ до 2030 година.
На средбата премиерот Ковачевски истакна дека фокусот на Владата е насочен кон перспективата за членство во ЕУ и дека Владата останува посветена на европската агенда, имајќи го предвид фактот дека за членството во ЕУ има висока поддршка од граѓаните. Соговорниците изразија надеж дека сите политички чинители ќе ја имаат предвид неповторливата шанса за придвижување на земјата напред и ќе го исполнат барањето на граѓаните, земјата да стане полноправна членка на ЕУ.
Премиерот Ковачевски истакна дека процесот на евроинтеграции не треба да се блокира, пред сѐ имајќи предвид дека тоа е спротивно на волјата на граѓаните, но и поради фактот дека стопирањето на евроинтеграцискиот процес поради неисполнување на обврските од преговарачката рамка, ќе ги закочи и сите процеси на економски и социјален развој неопходни за приближување на македонското општество до европските стандарди на живот.