Временскиот рок од 30 дена за набавка на лекот „Трикафта“ е поради тоа што кога ќе се направи нарачката, тогаш се произведува лекот за пациентите, појаснува премиерот Димитар Ковачевски.
Дополнително, веднаш по договорот производителот нуди услуга да изработи своја статистика за тоа колку можни пациенти би имало во иднина во државата, со цел податоците да бидат достапни на Министерството за здравство и Фондот за здравство за да ги планираат финансиските средства и капацитетот за лекот и давањето терапија во однос на цистична фиброза, додава Ковачевски.
Информираше дека за време на вчерашниот состанок со Асоцијацијата за цистична фиброза договорено е пациентите со ретката болест да учествуваат во протоколите за примање на терапијата.
Владата вчера информираше дека се завршени администартивните процедури за итна набавка на лекот „Трикафта“ за најкритичните пациенти кои боледуваат од цистична фиброза.
Испораката на лекот Трикафта за овие пациенти се очекува да биде извршена од страна на добавувачот, во најбрз можен период, не подолг од 30 дена, согласно процедурите за работа на самиот производител и добавувач, а врзани со спецификите на самиот лек, се вели во соопштението.