Во минатата 2021 година има рекорден поврат на ДДВ во стопанството од 488 милиони евра и покачување од 22,8 отсто во споредба со претходната 2020 година, порача денеска лидерот на СДСМ и заменик министер за финансии Димитар Ковачевски.

-Споредено со 2016 година повратот на ДДВ е речиси удвоен кога изнесувал 280 милиони евра, напиша Ковачевски на својот фејсбук профил.

Лидерот на СДСМ вчера порача дека имаме добри економски показатели и релизации остварени во изминатата 2021 година.

-Зголемени се приходите, имаат раст на ниво на релизација од 15,3 отсто, што значи повеќе пари за граѓаните. Растот на економијата во 2021 година е над 4 проценти, што значи економските мерки кои ги реализиравме како Влада дале резултат. Имаме највисоко ниво на реализирани капитални расходи досега, повисока реализација за 45отсто во споредба со минатата година, напиша Ковачевски на фејсбук.

Дефицитот, како што истакна, е понизок од планираниот, изнесува 5,4 отсто од БДП, што според него значи дека задолжувањето на економијата било помало.

-Ова е уште една потврда дека економијата е стабилизирана и очекувам во 2022 година проекциите да се реализираат, да го забрзаме растот на економијата, во интерес на граѓаните и стопанството. Во годината во која ни доаѓаат нови предизвици со енергетската криза, економијата и државата се подготвени да помогнат на граѓаните и компаниите, порача Ковачевски на фејсбук.