Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Македонија поради опозицијата ја пропуштила шанса да „шутне чист пенал“, а од опозицијата, пак, одговараат „криминалот на Ковачевски и Ахмети ја чини Македонија нова блокада“.
– Ако минатата година беше тешка година на носење тешки одлуки, во делот на преговарање и прифаќање на францускиот предлог, на последниот Самит на ЕУ, спортски кажано, имавме празен гол и чист пенал, што заради ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Демократски сојуз не го шутиравме, рече Ковачевски на панел-дискусијата „Геополитичко проширување на ЕУ: Нови можности, стари ризици?“, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје и ПолитикУм – Институт за одржливи и иновативни политики.
Но, опозицијата враќа за „пеналот на Ковачевски“. Од ВМРО-ДПМНЕ велат „СДСМ и ДУИ ја претвориле надворешната политика во политички театар, измислувајќи потези кои за Македонија значат изгубени 7 години кои не можат да се вратат никако“.
– СДС и ДУИ ако малку покажеа државнички капацитет, да ги искористеа сите механизми кои велеа дека ги имаат, да ги замолеа пријателите со кои се фалеа да ја убедат Бугарија да ја напушти салата на кратко, ќе се изградеше подобра позиција за Македонија и сега нашата држава, заедно со Украина ќе ги започнеше преговорите со ЕУ, порача на денешната прес-конференција Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.