Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска се сретна со граѓаните од општина Центар каде имаше прилика да поразговара со нив за многу важни прашања како што се животниот стандард, платите, пензиите, инфлацијата како и за досега сработеното од владите на СДСМ на овие теми, но и плановите за следниот мандат.
На средбите со жителите на општина Центар, Ковачевски порача дека е потребно продолжувањето на добрите политики кои ги започна Владата предводена од СДСМ. Токму новата програма на СДСМ содржи комплетни мерки за поддршка за граѓаните преку поголеми плати и пензии, односно минимална плата од 600 евра и просечна плата од 1100 евра, но и минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. Тоа се правилните насоки и затоа ни треба и продолжувањето на европскиот пат, потенцираше Ковачевски.
По средбите со граѓаните претседателот Ковачевски, во изјава за медиумите посочи дека изминативе две години, со оглед на фактот дека тој ја имаше честа и одговорноста да ја предводи Владата во исклучително кризен период, дека тој најдобро знае што е она што граѓаните ги загрижува и што е она што граѓаните ги прави незадоволни, посочувајќи дека тој ја презема одговорноста за подобрување на состојбата и животниот стандард на граѓаните.
„Јас бев премиер 2 години и ја преземам целата одговорност за тоа што ги мачи граѓаните. Иако, во текот на изминатите две години и во текот на изминатите седум години, донесовме навистина голем број на антикризни пакети на мерки, најголеми во регионот. Ги зголемивме пензиите за 50%, ги зголемивме просечните плати за 50%. Ја зголемивме неколкуратно минималната плата. Можам да замислам само како ќе им беше на граѓаните доколку во време на ваква криза, во време на војна на континентот, требаше да преживуваат со 8.000 денари плата минимална како што беше во времето на ВМРО – ДПМНЕ до 2016 година”, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.