ЕСМ оваа година, во услови на криза, отежнатост на работа и недостиг на енергенси, го зголеми производството на електрична енергија за 27 проценти, а за 2023 година планира раст на производството за уште 20 остсто споредено со годинав, изјави генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на состанок со фирмите членки на Стопанската комора на Македонија.
– Иако законот за 2022 година предвидуваше да обезбедиме 60 отсто од електричната енергија, сепак по препорака на Владата ние обезбедуваме 100 проценти и дополнително обезбедуваме енергија за загубите за „Електродистрибуција“ и МЕПСО, за училиштата, јавните претпријатија и прехранбената индустија и други витални институции во државата, рече Ковачевски.
Тој ги информира присутните за состојбата со домашното производство на електрична енергија и дека ЕСМ целосно, со сопствено производство, ги снабдува граѓаните и малите потрошувачи, односно регулираниот пазар.
Генералниот директор соопшти дека во овој момент работат сите капацитети во државата освен Блок 3 на РЕК „Битола“, кој ќе биде ставен во употреба за 10-тина дена.
– Во исто време ќе работат три блока во РЕК „Битола“, РЕК „Осломеј“, ТЕЦ „Неготино’ со полн капацитет и гасната електрана „Енергетика-Когел“ со полн капацитет, односно се е ставено во употреба во услови на криза, нагласи Ковачевски.
Според него, потребно е да се најде начин да се обезбедат дополнителни ресурси за да се обезбеди дополнителна електрична енергија за стопанството, односно да се помогне со пониски цени на струјата, со оглед на тоа што кризата ќе биде присутна и следната година и никој не може да знае кога ќе заврши, а државата мора да биде подготвена.