Повеќе граѓани денеска му пристапија на премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со министерот за економија Крешник Бектеши беше во маркет да ги провери цените на јајцата, по владините мерки за нивно замрзнување.
Но, таму се соочи со низа критики. Граѓаните кои му се обратија го соочија со секојдневните проблеми. Му посочија дека во Македонија тешко се живее и дека малото намалување на цените не ги решава проблемите на граѓаните.
„Цениве се до плафон. Со два денара поевтини макарони и денар на јајца, тоа не е мерка, дојде тежок живот, не можеме да купиме ни лекарства со тие пари. Кој може да преживее со 12.000 пензија, ве молам“, му се обрати една пензионерка на Ковачевски.
Затекнат од ситуацијата во која жената се појави пред него со празна корпа, Ковачевски ја оправда скапотијата со војната во Украина и го искористи моментот да се пофали што неговата Влада направила досега за граѓаните.
„Точно е дека цените тука, но и секаде беа зголемени затоа што се води војна во Украина. Она што направивме прво е ги замрзнавме цените на дел од производите. Вие ги спомнавте макароните, нив ги намаливме за 15 отсто. Млечните производи, кои се најосновни продукти, ги намаливме за 10 отсто. Ги замрзнавме цените на јајцата и на оризот. Таму каде што не можевме да стигнеме до џентлменски договор, како Влада донесовме одлуки“, рече премиерот.
Пензионерката му замери на премиерот и за ниските пензии, а тој, пак, рече дека Владата интервенирала и во оваа насока и дека пензиите се зголемени.
„Само сега во март пензиите се зголемија за 8,4 проценти. Ние контактираме на дневна основа со претседателката на Асоцијацијата за здружение на пензионери за да може да ги зголемуваме пензиите и во иднина, затоа и ја направивме методологијата. Кризно време е, но целиот буџет го користиме за такви работи“, рече тој.
Новинар со едно прашање го “смрзна“ премиерот предочувајќи му дека во државата има многу поголеми проблеми од јајца поевтини за некој денар. Го праша зошто не ги посети училиштата да види дали има учебници или клиника да види дали има терапија за пациентите.