Парламентарните избори се дефинирани согласно закон исто како што се дефинирани и претседателските избори, изјави предмалку премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на барањето што лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за лидерска средба во врска со изборниот процес.
-Во однос на измените на Изборниот закон, и тоа добро го знае претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во рамки на Министрството за правда работи работна група за измени на Изборниот законик којашто ја предводи господинот Новаковски, којшто е искусен правник и е поранешен член на ДИК.
Во таа рабона група учествуваат претставници на сите политички партии освен претставник на ВМРО-ДПМНЕ по нивна волја, иако кога се формираше работната група не само што беа повикани, туку и беше понудено претседател на комисијата да биде предложен од ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа тие одбија – рече Ковачевски.
Тој додава дека барањето на Мицкоски за лидерска средба е уште едно од, како што вели, низата барања за ставање настрана на институциите во државата, процедурите и законите.
–Во однос на набљудувачките мисии, исто така треба да знае ако не знае, дека штом ќе се распишат изборите, било да се тие претседателски или парламентарни избори, тогаш се испраќа од МНР барање до ОБСЕ-ОДИХР да испрати долгорочна мисија која што го набљудува целиот процес на подготовка на изборите.
А со почетокот на изборната кампања и одржувањето на самите избори, доаѓа набљудувачка мисија теренска која што ги надгледува изборите и нивното одржување и потоа поднесува извештај. Па штом ќе бидат распишани изборите кога тоа претседателот на Собранието ќе го направи тогаш ќе бидат спроведени и сите овие постапки – рече Ковачевски.
Воедно, посочи дека имал лидерска средба со Мицкоски и може да имаат повторно каде што, според него, ќе учествуваат сите лидери, бидејќи одлуките за избори се носат со консензус.
–Меѓутоа и тоа прашање е апсолвирано веќе со оглед на тоа дека ние имаме поважен процес во државата од избори кои ќе бидат во својот редовен термин, бидејќи веќе никој не зборува за предвремени избори, а тоа е носењето на одлуките за продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата.
Што значи дека и таа понуда се уште важи дека можеме уште во понеделник да закажеме седница на Собранието на кои ќе бидат изгласани уставните амандмани и истиот ден да се закажат избори и да одиме на избори. Зборувам за предвремени парламентарни – рече Ковачевски.
Исто така, додаде тој, на маса е и другиот предлог, а тоа е да се отпочне процесот за уставните измени, за ВМРО-ДПМНЕ да биде дел од Владата.
–Да се подготват изборите, притоа да биде завршен и скринингот, да бидат отворени поглавјата од првиот кластер, да затвориме едно или две поглавја и потоа да одиме на претседателски и на парламентарни избори. Што секако би претставувало некаков договор во однос на најважното прашање кое што го имаме за граѓаните и за државата.
Се друго е разговор на теми коишто му значат само на некого којшто сака без политичка програма да дојде на власт, односно да оди на избори бидејќи на претседателските избори повторувам пак дека кандидатот на европската коалиција ќе биде победничкиот кандидат, и подоцна на парламентарните избори повторно европската коалиција ќе ја предводи Владата која што ќе ја внесе земјата во ЕУ – порача Ковачевски.