Вратениот директор во МЕПСО ќе треба да ја врати отпремнината, ако сака повторно да директорува. Ова е ставот на премиерот Ковачевски, по објавата на Телма дека во преносниот систем, како директор на ИТ сектор се назначува Томи Божиновски кој претходно од оваа функција бил разрешен и заминал со отпремнина.
Ковачевски вети дека на следната владина седница, ќе го повика менаџментот на компанијата, да ги образложат сите детали за случајот и да утврди дали постапката е законска.
– Не се работи дали е етички или не, се работи дали е законски или не е. Јас ќе ги повикам на следната седница на влада да ги покажат сите детали, ако не е според законот ако лицето работело на друго место зело отпремина и се вратило, треба да ја врати отпремнината бидејќи продолжува да работи во истата компанија. И дали ќе имаат нов кадар кој ќе може да го замени зошто е дефицитарна струка. И сите компании посебно од јавниот сектор имаат проблем со обезбеудвање на вакви раководни кадри, истакна премиерот Димитар Ковачевски.
Претходно и неговиот колега Битиќи, се изјасни дека ваквиот потег во МЕПСО е неетички и нелогичен. Од кабинетот на вицепремиерката Грковска, задолжена за политики за добро владеење, побарале од надзорниот одбор детално објансување за конкретниот случај.