Во врска со одлуката Македонија да не му дозволи на рускиот авион да прелета над државата, а со кој требаше да се превезува Сергеј Лавров, премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека „забраната важи за сите“.
– Ние имаме донесено одлука за забрана за прелети на руски авиопревозници преку територијата на нашата држава. Ние сме членка на НАТО, што значи дека одлуките кои се носат во НАТО се и наши одлуки и ние имаме целосно усогласена надворешна политика со политиката на ЕУ. Во однос на конкретниот авионски лет, нема никаков друг третман во однос на одлуката која што е донесена која е во сила и која останува во сила, рече Ковачевски.
Посетата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Србија е откажана, откако соседните земји соопштија дека го затвораат својот воздушен простор за неговиот авион, изјави висок функционер од руското Министерство за надворешни работи за руските медиуми.