Каков е тој напредок за кој слават бугарските историчари? Од бугарската комисија тврдат дека за Цар Самоил е завршена работа, а Ковачевски молчи. Што точно е прифатено, и кој е договорот за Цар Самоил? Дали тоа е причината на радоста во Софија, а за молкот во Македонија? Ковачевски и Османи преговараат без да ја запознаат опозицијата, Собранието и јавноста. Владата води преговори кои може да задираат во македонскиот идентитет, јазик и историја зад целосно затворени врати, изјави на денешната прес конференција, Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека јавноста се информира за преговорите од бугарските политичари и историчари и нивните изјави во медиумите и дека Бугарите си ги информираат своите граѓани, а македонската страна молчи.
– Доколку Ковачевски е искрен кон народот и кон државата, тогаш ќе побара веднаш писмени гаранции за македонскиот идентитет, историја и јазик и од Бугарија и од ЕУ. Водење на преговорите на ист начин како и до сега, само ќе ги потврди сомнежите дека Ковачевски и Османи тргуваат со македонските национални интереси. Токму затоа Ковачевски да ја информира јавноста што до сега се преговарало и договорило, а Османи да го стори тоа пред пратениците, дециден е Ковачки.